Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, заедно со жени носителки на јавни функции и дипломатки, го посети древниот локалитет Кокино, една од најстарите опсерватории во светот.
Пешачката тура, со цел афирмација и подигнување на свеста за културното наследство на овој дел од државата, е наречена „Кокино – поглед кон бесконечноста“.
Министерката рече дека Кокино, како културно добро со висок степен на заштита од државата, секогаш ја имало поддршката од Министерството за култура и од експертската јавност, како и од меѓународните фондови.
„Сакам да се заблагодарам за поддршката што нашата култура ја добива и преку Амбасадорскиот фонд на САД. Од 2001 г. до денес се поддржани 15 проекти. Преку овој фонд, во 2006-та се изврши заштита на мегалитската опсерваторија Кокино. Посакувам поддршката да продолжи и за реализација на дел од акцискиот план за Кокино“, изјави Костадиновска-Стојчевска.
Таа додаде дека е моќно чувството да стоите на местото каде што пред 4000 години со поглед кон Сонцето и кон Месечината со неверојатна прецизност се мереле часот, денот, месецот, годината, времето, и додаде: „Вршени се истражувања, собран е и евидентиран богат движен материјал. Кокино е впишано на Тентативната листа на УНЕСКО, но треба да се направи уште многу за да се впише и на престижната листа“.
Според министерката за култура, потенцијалот на Кокино е огромен и треба да се искористи за придвижување на локалната економија, како и за развој на локалниот туризам.
Жените носителки на јавни функции и дипломатки во земјава кои беа дел од пешачката тура „Кокино – поглед кон бесконечноста“ изразија воодушевување и задоволство од можноста да го посетат Кокино и изразија надеж дека ова значајно културно и природно наследство ќе се најде на листата на заштитени добра од страна на УНЕСКО.
На пешачката тура „Кокино – поглед кон бесконечноста“ ѝ претходеше и посета на црквата „Св. Ѓорѓија“ во Старо Нагоричане каде што присутните се запознаа со богатата историја и културното наследство на овој крај.