Општина Центар во соработка со Рамстор започна со одржување низа хуманитарни настани со цел да му се помогне на младиот Леонид Игнов да продолжи со лекувањето и да ја добие најголемата животна битка.
Првата хуманитарна ликовна изложба што ја подготвија талентираните и креативни основци од општината се одржа вчера во трговскиот центар Рамстор, а на настанот настапија и Златните славејчиња.
Градоначалникот Герасимовски им се заблагодари на учениците, нивните родители и наставници што се одзваа во толку голем број за да помогнат и да ја покажат својата хуманост и солидарност на дело.
„Хуманоста вечерва сите не сплоти на едно место. Со помош на овие млади уметници и прекрасните гласови на Златните славејчиња, но и со поддршка на нашите пријатели Рамстор, се собравме за да донираме за младиот Лео на кој му е потребна нашата помош за да продолжи со својот живот. Упатувам апел до сите наши сограѓани да ни се приклучат и да подадат рака“, изјави Герасимовски.
Средствата што беа собрани од продажбата на ликовните творби на учениците, ќе се донираат за медицинскиот третман на Лео, кој се здоби со тешки повреди на рбетот во несреќен случај пред неколку месеци.
Општина Центар во наредните недели, на 20, 27, и 29 декември, на вториот кат во Рамстор, ќе организира уште три хуманитарни настани за помош на младиот Леонид на кои ќе учествуваат младите центарци.