Барањето за екстрадиција на Љупчо Пелвски- Палчо, осомничен дека е организатор и извршител на убиствата на 14 – годишната Вања Ѓорчевска и 74-годишниот Панче Жежовски, денес ќе биде испратено во Турција, вели министерто за правда Кренар Лога. Тој очекува позитивен одговор на барањето за релативно кусо време.
„Вчера беше потпишано од моја страна, исто така сите списи од Министерството беа преведени на турски јазик. Денеска до крајот на работниот ден исто така и од Јавното обвинителство ќе бидат преведени и денеска ќе биде пуштено и преку електронската пошта, и преку нашата амбасада и верувам дека после добивање на нашето барање ќе контактираме и директно со министерот за правда од Република Турција. Турција е стратешки партнер на Македонија за многу други побитни прашања од ова. Јас верувам дека за релативно кратко време ние ќе добиеме позитивен одговор и осомничениот ќе биде меѓу нас да го докажува тоа што се случи“, рече министерот.
На новинарско прашање колку би траела постапката, министерот Лога одговори дека тоа зависи од постапките во Турција.
„Не знам колку ќе ги искористи тие правни лекови да се жали или не. Не можам да кажам колку би траело во овој момент без да ги знам постапките во Турција“, рече министерот Лога.
На Палевски веќе му е одреден притвор од 30 дена кои ќе почнат да течат од моментот кога ќе влезе во Македонија.