Општина Центар ја отвори првата Енергетска канцеларија во нашата земја, со цел да ја поттикне енергетската транформација и транзиција во локалните самоуправи, но и пошироко на државно ниво.
Во канцеларијата, сместена во Младинскиот центар ,,Матично’’, граѓаните и сите заинтересирани страни ќе можат да се информираат за можностите за енергетски инвестиции, да учат на темата зелена и праведна енергетска транзиција, или да остварат комуникација и добијат поддршка поврзана со енергетска независност и одржлив развој.
Во организација на Здружението за зелено општество-Гринер, денеска беше одржана првата работилница на која градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски, граѓаните, невладините организации, советници и членовите на администрацијата дискутираа за трансформација на Општина Центар во енергетски самоодржлива локална единица.
,,Општина Центар” процесот на енергетска транзиција го започна со оформување на трговското друштво за производство и продажба на електрична енергија претпријатието „Енергија Центар“, со поддршка на Фондацијата „Фридрих Еберт”. Во градинката „Пепелашка“ веќе имаме поставено фотоволтаичен систем кој треба да ги задоволи потребите за електрична енергија и во зимскиот период, сега на ред се основните училишта’’, информираше Герасимовски.
Работилниците ќе продолжат во Енергетската канцеларија и наредниве денови, а планирани се и отворени денови за комуникација со граѓаните не само за проекти во делот на енергетската ефикасност, туку и за сите проекти кои општината ги нуди во интерес на граѓаните, вклучително и за субвенции на лифтови, покриви и фасади.