Министерот за економија Крешник Бектеши, денеска, во рамки на климатскиот самит COP28 кој што се одржува во Дубаи, Обединетите Арапски Емирати ја презентираше Инвестициската платформа за праведна енергетска транзиција на Северна Македонија.
Инвестициската платформа за праведна енергетска транзиција претставува основа за инвестиции и развој на политики кои што ги здружува владата, меѓународните финансии и приватниот сектор со цел за поддршка на процесот за енергетска транзиција на земјата, што меѓу другото вклучува и инвестиции во нови капацитети на обновливи извори на енергија, како и инвестиции во мрежата и складирањето за обезбедување на сигурност во снабдувањето на електрична енергија и праведни транзициски мерки.
Министерот Бектеши во своето обраќање се заблагодари на претседателката на Европската Банка за обнова и развој, Одил Рено- Басо, за укажаната поддршка во процесот на развивање и дефинирање на Инвестициската платформа како и за координацијата на останатите партнери во оваа иницијатива кои ја поддржуваат Северна Македонија во процесот на енергетската транзиција и декарбонизација.
„Северна Македонија постави цел за намалување на емисиите на стакленички гасови од 82% до 2030 година, во споредба со нивоата од 1990 година. Со ова се докажува нашата посветеност на принципите на Парискиот договор и претставува значителен чекор кон поодржлива, конкурентна и праведна иднина. Енергетскиот сектор, кој беше значаен придонесувач за емисиите на нашата земја, се наоѓа на чело на овој процес на транзиција. Владата во јуни 2023 година го усвои патоказот за праведна транзиција и воспостави структура за водење на процесот на транзиција, покажувајќи ја уште еднаш нашата посветеност и одлучност за декарбонизација на енергетскиот сектор во земјата“ кажа министерот Бектеши во своето обраќање.