Одлуката на Сеул да го прекине воениот договор со Пјонгјанг може да доведе до конфликт од големи размери, изјави портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова. Одлуката на Јужна Кореја беше донесена како одговор на севернокорејското лансирање на воен сателит.
„Како што знаете, на 21 ноември Северна Кореја изврши претходно најавено лансирање на сателит. Сето ова, гледаме, предизвика голема загриженост во Сеул, Токио и Вашингтон. Како таканаречена одмаздничка мерка, владата на Република Кореја одлучи делумно да го суспендира меѓукорејскиот воен договор од 2018 година. Тој игра важна улога во одржувањето на стабилноста и спречувањето вооружени инциденти во зоната на демаркационата линија, а сето тоа, се разбира, може да доведе до ескалација на конфликти од големи размери“, рече Захарова.
Таа истакна дека „ваквите чекори на јужнокорејската страна предизвикуваат жалење.
„Ескалацијата на тензиите околу полуостровот е директна последица на агресивните воени активности на САД и нивните сојузници, кои речиси без престан спроведуваат воени вежби и го пумпаат овој подрегион со оружје. Што се однесува до Русија, нашата земја се залага за мирно решавање на целиот спектар на проблеми на Корејскиот полуостров исклучиво преку политички и дипломатски средства, без надворешен притисок и без уцени“, нагласи таа.
Претходно Пјонгјанг објави дека успешно лансирал ракета-носач со извидувачки сателит. Пјонгјанг најави дека планираат „наскоро“ да лансираат уште неколку слични сателити.