Дваесет и осум предвремено родени бебиња кои беа евакуирани од болницата „Ал Шифа“ вчера пристигнаа во Египет преку преминот Рафах.
Најмалку 70 луѓе загинаа во болница во Кан Јунис, на југот на Појасот Газа по израелски воздушен напад врз тој град, соопштија „Лекари без граници“. Организацијата наведува, повикувајќи се на својот персонал во медицинскиот комплекс „Насер“, дека десетици луѓе, меѓу кои и деца и адолесценти, се лекуваат поради „тешки изгореници“, објави „Хаарец“. Во соопштението се додава дека нападот се случил на еден километар од болницата, а на лекување пристигнале 122 пациенти.
Вчера, кога се одбележуваше Светскиот ден на детето, пристигна информација дека од 7 октомври досега се убиени 5.500 деца, што претставува по едно убиено дете на секои 10 минути, пренесе „Ал Џезира“. Покрај официјалниот број на загинати деца, се претпоставува дека уште 1.900 се мртви под урнатините. Околу 9.000 деца се повредени од почетокот на конфликтот, повеќето со сериозни и долготрајни повреди. Од 2,3 милиони жители на Газа, половина се деца, а вкупно 70 отсто од жртвите се жени и деца.
Тимот на Светската здравствена организација (СЗО) кој во саботата ја посети најголемата болница во Газа објави дека 32 бебиња се меѓу десетиците пациенти во критична состојба кои останале во болницата каде што израелските сили влегле минатата недела.
Главниот огранок на ОН во Газа, Агенцијата на Обединетите нации за помош и работа за палестинските бегалци на Блискиот Исток, објави дека силните дождови во Појасот Газа го прават животот во засолништата „безусловни“. Во објавата на платформата „Икс“, организацијата заедно со видеото на кое Палестинците газат преку кал, додава дека поради обилните дождови во енклавата, луѓето во засолништата немаат избор и се соочуваат со недостаток на основни услови за живот.
Хамас изрази подготвеност да го зголеми бројот на заложници што би ги ослободил во замена со Израел, изјави вчера за „Хаарец“ извор вклучен во преговорите. Според него, бројот и идентитетот на заложниците кои ќе бидат ослободени се уште не се договорени, а разговорите продолжуваат. „Индиректните контакти меѓу Израел и Хамас веќе двапати пропаднаа кога се проценуваше дека може да се склучи договор. Ни треба повеќе трпение“, додаде тој.
„Волстрит журнал“, повикувајќи се на египетски функционер „близок до преговорите“, вчера објави дека Хамас бара етапно ослободување на израелските заложници и палестинските затвореници, при што Израел ослободува малолетни затвореници во замена за 50 жени и деца кои се меѓу заложниците. Според изворот, предлогот за кој се дискутираше во неделата е барањето Хамас да ослободи голем број жени и деца киднапирани за време на нападите на 7 октомври за приближно ист број палестински жени и деца кои се држат во израелските затвори. Египетскиот извор изјави и дека затворениците кои ќе бидат вклучени во размената нема да бидат поврзани со Хамас. Израел, САД и Катар изразија оптимизам за можноста договорот да биде финализиран во наредните денови. Една од причините што преговорите се бавни е тоа што Јахја Синвар, лидерот на Хамас во Појасот Газа, не одржува континуиран контакт со преговарачките тимови на организацијата, пишува „Хаарец“.
Меѓународната организација за заштита на човековите права „Амнести интернешенел“ го повика Меѓународниот кривичен суд да ги истражи двата израелски напади во Појасот Газа минатиот месец, во кои беа убиени 46 лица, како воени злосторства. АИ наведува дека утврдила дека овие напади „се неселективни или директни напади врз цивили или цивилни објекти, кои мора да се истражат како воени злосторства“. Станува збор за израелскиот напад на црквата Свети Порфириј во градот Газа на 19 октомври и нападот на куќа во бегалскиот камп Нусејрат на 20 октомври, пренесе „Ал Џезира“.