„Постои голема недоверба кај граѓаните, но не само и кај нив. Ако разговарате интимно со носители на највисоки јавни функции ќе ви кажат дека не се сигурни во заштитата на нивната комуникација и приватност. И јас сум еден од тие. Тоа зборува за досегашниот несоодветен одговор на надзорните тела кон овие служби. Кога би бил надзорот посоодветен и поорганизиран и изведен на начин како што го поставува законот, сигурно дека и довербата ќе се зголеми, зошто тие институции би биле под мониторинг. За жал овој надзор не се одвива“, рече Насер Зибери, народен правобранител.
Според него очекувањата биле големи по случувањата пред 2017 и затоа се направила реорганизација на целиот безбедносен систем и се донесоа закони.
Тој изјави дека е завршен процесот на обработка на видеозаписите од затворот Идризово. Според него има елементи на повреди на правата, во смисла на пречекорувањето на овластувањата на припадниците на Министерството за внатрешни работи.
„Јас гледам од перспектива на заштита на правата на затворениците, како е дојдено, зошто е дојдено, дали е добро организирано треба да дадат одговор. Ние се обративме до надлежните служби за да добиеме целосна слика за акцијата“, изјави Зибери.