Зелен институт: Усогласени измените на Законот за урбано зеленило

Зелен-институт-Усогласени-измените-на-Законот-за-урбано-зеленило.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Измените на Законот за урбано зеленило беа усогласени на Вториот состанок на Работното тело што се одржа денес во Градот Скопје.


Целта на законот е да се спречи уништувањето на градското зеленило со урбаната експанзија и непочитувањето на законите. Овие измени добија поддршка од претставниците на Интерпартиската парламентарна група за заштита на природата и борба против загадувањето и климатските промени, од министерствата за животна средина и просторно планирање и транспорт и врски, како и од струковите асоцијации на архитекти и инженери, се вели во соопштението на Зелен институт.

„Во продуктивната дискусија, од која произлегоа и неколку дополнувања и допрецизирања на одредби, учествуваа: претставници од Министерството за животна средина, Градот Скопје, општините Центар и Аеродром, Асоцијација на архитекти на Македонија, независниот советник Јане Димески од општина Центар, како и Лилјана Поповска од Зелен институт, архитект Цветанка Маркушоска, координаторката на зелената парламентарна група од граѓанскиот сектор Татјана Чакулев, Даниела Димитриевска од Македонското женско лоби, проф.Стефанка Хаџи Пецова.

Со измените на Законот за урбано зеленило, донесен 2018, ќе се обезбеди усогласување со Законот за урбанистичко планирање, Законот за градење и Законот за прекршоци, преку: усогласување на видовите урбанистички планови и планско-проектна документација според важечкиот Закон за урбанистичко планирање од 2020; усогласување на класите на намени на зеленило и зелена инфраструктура според важечкиот Правилник за урбанистичко планирање од 2020 и дефинирање на категориите на урбано зеленило според пешачкото растојание од домот и достапната површина; зголемување на нормативите за зеленило во м2/жител на ниво на град и минимален процент на градежна парцела, според новите европски трендови за зелена инфраструктура и одговор на климатските промени; утврдување на минимален процент на озеленетост на градежна парцела според класа на намени; допрецизирање на начинот на одржување на зеленилото; воспоставување обврска за ангажирање стручни лица (шумарски инженери, пејзажни архитекти) при планирање, проектирање, подигање, одржување и заштита на зеленилото; измени на казнените одредби заради усогласување со Законот за прекршоци од 2019 и зајакнато санкционирање на институциите кои не ги испочитувале законските одредби за минимум зеленило, не донеле стратешки документи за зеленило, не изработиле зелен катастар, издале градежни дозволи без минимален процент зеленило, уништиле зеленило и др.; допрецизирање на Правилникот за урбано зеленило според законските измени; дополнување на Законот за градење заради усогласување и обврска да не се издава градежна дозвола без исполнета норма за зеленило“, се наведува во соопштението.

„Овие предлози призлегоа од анализата на законите, во која беа вклучени архитекти и урбанисти, шумарски инженери, правници и граѓански активисти. Се одржа јавна дебата на 6 јули 2023 во салата на Советот на Град Скопје, на која беа поканети сите засегнати страни: покрај институциите на национално и локално ниво, и Комората на овластени архитекти и овластени инжинери на Македонија, Асоцијацијата на архитекти на Македонија, експерти и граѓански организации (Зелен хуман град, О2 Иницијатива, Здравје пред профит, Зелените од Гази Баба, Борба за Влае, За Расадник на можности, за хуман живот во Кисела Вода, Пржино, Во одбрана на Буњаковец и др.).

Предлог-измените на законот беа иницирани во рамките на проектот „Повеќе зеленило за отпорно Скопје“, под водство на Зелен институт, во соработка со Градот Скопје, Факултетот за шумарски науки, пејзажна архитектура и екоинженеринг, а во партнерство со Флорозон и Македонско женско лоби, како дел од климатскиот проект на Еко-свест финансиран од Шведска“, се додава во соопштението на Зелен институт.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK