Според претседателот на Регулаторната комисија Марко Бислимоски до крајот на овој месец, односно најдоцна до понеделник или до вторник ќе биде донесена одлуката за цената на парното греење во Скопје.
„До крајот на месецов, најдоцна до понеделник или до вторник ќе ја донесеме одлуката за цената на парното греење во Скопје, бидејќи е исполнето она на што инсистиравме и што го баравме четири месеци, започнаа активности за санација на мостот „Беласица“ во Скопје“, рече Бислимоски.
Уверуваше дека нема да се дозволат ценовни шокови.
„Нема да дозволиме никакви ценовни шокови, вообичаено има инфлација, зголемени трошоци за набавка на одредени материјали. Постапката за определување на цената на парното ќе ја продолжиме со податоците од компаниите кои ги добивме во јуни. Дополнително во текот на вчерашниот ден побаравме одредени апдејтирани податоци за трошоците за набавка на природен гас, бидејќи се поминати веќе три месеци. Тоа го направивме со цел да имаме поточна и попрецизна одлука“, прецизираше тој.
Вообичаено, како што оценува има инфлација, зголемени трошоци за набавка на одредени материјали, но најголемиот трошок според него се однесува на цената на природниот гас и на топлината која треба да се набави од ТЕ-ТО.
„Во најголем дел при носењето на одлуката за цената ќе бидеме сконцентрирани токму на овие трошоци. Со оваа одлука треба да се врати и заемот што го даде Владата во јануари 2022 година. Дали заемот ќе го вратиме одеднаш или на одреден период зависи како ќе изгледаат резултатите за крајната цена, нема дозволување на ценовни шокови“, појасни Бислимоски.