Европската унија се соочува со ризик од ненадеен прилив на мигранти кои бегаат од војната меѓу Израел и Хамас, изјави денеска грчкиот министер за миграција Димитрис Каиридис и повика на внимателност и поголема солидарност меѓу земјите-членки.
„Секогаш постои ризик ако нестабилноста на Блискиот Исток се прошири, а особено ако соседните земји, како Египет, кој има многу големо население, бидат вовлечени во неа. Тогаш работите можат да станат многу сериозни“, рече Каиридис.
„Мораме да бидеме внимателни, ние, како Европа, мораме да бидеме заедно што е можно повеќе. Мораме подобро да ги чуваме границите, да се бориме против криминалните мрежи на шверцери на луѓе и да ги вратиме оние што нема да добијат право на азил“, рече грчкиот министер.
Според него, на европскиот блок му е потребен нов пакт, алудирајќи на договорот меѓу Турција и ЕУ од 2016 година за спречување на приливот на мигранти.
Каиридис беше во Анкара во понеделникот, каде што разговараше со турските власти како да се намали бројот на пристигнувања на мигранти во неговата земја.
Во време на голема загриженост за безбедносната ситуација поради конфликтот меѓу Израел и Хамас, Каиридис посочува дека Грција, по смртоносните исламистички напади во Белгија и Франција, води дискусии во Унијата за поголем број депортации и враќање на мигрантите.