Поетската книга „Во хаосот радост“ од авторката Калија Димитрова ќе биде промовирана денес, 20 октомври, во барот „Бруталиск“. Настанот ќе почне во 20 часот, а за книгата со авторката ќе разговара писателката Румена Бужаровска.
Уредничка на книгата „Во хаосот радост“ е Душица Лазова, а дизајнот е на Кристина Атанасова.
Во „Хаосот радост“ е втора поетска збирка на Калија Димитрова, чија дебитантска книга „Вештерките денес“ излезе од печат во 2018, во издание на издавачката куќа „Темплум“.
Книгата ги истражува прашањата на генерацијата заглавена во просторот помеѓу растењето и стареењето, разместеноста, меланхолијата, амбивалентноста на бунтовната женскост, лудилото, но и тврдоглавата потрага по убавина, задоволство, страст за живот, континуитет, влечејќи смисла и сила токму од непомирливоста со зададените (наследените) правила.
Поезијата на Калија Димитрова е препознатлива по неколку специфични црти: коктел од болка, духовитост, луцидност, автентична интонација на бунтовност, урбаност, безмилосно остроумна перцепција и склоност кон јазични игри. Таа продолжува со развој на својата феминистичка освестеност за телото, неговите замки и потајни барања, за пркосот и борбата со крајпатните искушенија и пориви, вешто зачинети со, кај нас, мошне ретката, смисла за хумор и подбив со секојдневните политички флоскули. (Елизабета Шелева)
Втората поетска збирка на авторката Калија Димитрова, „Во хаосот радост“, е зрело поетско достигнување што ѝ нуди нов идентитет на македонската поетска традиција. Ова е збирка што живее во урбаните пејзажи на современоста, каде што поетскиот субјект јас, од идентитетско гледиште на жена, кротко, истрајно и храбро ги соголува своите искуства, сеќавања и доживувања. Во нив несомнено доминира извесна меланхолија, извесна тага. Но, и покрај тоа овие песни се полни надеж, како што впрочем и навестува самиот наслов на збирката, од истоимената песна „Во хаосот радост“, која победоносно ја крунисува стихот „што и да следува, ја избирам страната на новите деца“. (Румена Бужаровска)
Калија Димитрова (1991, Скопје) пишува поезија, есеи и колумни. Авторка е на збирката „Вештерките денес“ („Темплум“, 2018). Основачка е и уредничка на дигиталната феминистичка платформа „Медуза“, како и на печатените изданија на „Медуза“. Членка е на поетската платформа „Версополис“. За развој на збирката „Во хаосот радост“ престојува на писателска резиденција во Белград доделена од европската мрежа „Традуки“. Живее, работи и се движи на улицата Орце Николов.