Вечерва, во киносалата „Фросина“ во Младинскиот културен центар, со почеток од 20 часот, ќе се прикаже новиот краток игран филм „Слобода“ во режија на Златко Ѓелески.
Станува збор за краткометражен омнибус, односно спој на три приказни кои се одвиваат една зимска вечер во кафулето „Слобода“. Таму се пресретнуваат тројца пријатели кои неуспешно се обидуваат да се договорат помеѓу себе, додека на шанкот се наоѓаат две долгогодишни пријателки кои истата вечер одлучуваат да споделат тајни кои ги криеле една од друга, а на оддалечена маса од нив во тек е зделка за продажба на артефакт од Крушевската република.
Во улогата на тројцата пријатели се појавуваат кичевските актери: Михајло Петревски, Ристе Ѓорѓиевски и Станко Стевановиќ, двете девојки на шанкот ги глумат: Тамара Ристоска и Весна Гаврилоска, а продажбата на артефактот се одвива помеѓу ликовите кои ги глумат: Ивица Димитријевиќ, Игор Бошкоски, Дарко Мече Костески и Андреј Дукоски. Врската помеѓу сите овие ликови се сопственикот на кафулето и вработениот кои ги познаваат посетителите на локалот, кои ги глумат: Тале Никодиновски и Ренато Јеремоски.
Филмот е во режија и сценарио на Златко Ѓелески, продуциран е од страна на Бранко Стојаноски, работен за „Блу Медија Моушен“ од Кичево, монтажата и визуелните ефекти ги работи Љупчо Темелковски, директор на фотографија е Владимир Димоски, звукот е на Горазд Радески, а музиката е на Љупчо Стефаноски.
Ова е третиот краток игран филм режиран од страна на Ѓелески, претходните два филма се: „Од другата страна“ и „Мемоари“, а Ѓелески и Стојаноски претходно соработуваа на филмот „Центроид“ од 2022 година, кој го режираше Стојаноски. Краткиот игран филм „Слобода“ е финансиран со помош од фирмите од Кичево, со цел да се помогне збогатувањето на културниот живот во градот.
Влезот на проекцијата е слободен.