Преку кампањата „Бидете херои на чесноста“, Државната комисија за спречување корупција (ДКСК) ги учи учениците од основните училишта да препознаат ја препознаат корупцијата како општествено зло. Денес Билјана Ивановска, претседателката на ДКСК го посети скопско училиште „26 Јули“.
„Кампањата е со цел да се доближиме до децата, да видиме со какви проблеми се соочуваат, како ја чувствуваат неправдата. Сакаме да им помогнеме ова општествено зло корупција, полесно да го препознаваат. Во досега спроведените анкети тие кажуваат дека често се соочуваат со неправда, со незаслужени оцени во одделението, дека најчесто родителите интервенираат за да се поправат оценките, кажуваат дека имаат притисок од родителите да бидат секогаш одлични и така натаму. Затоа сметаме дека е многу важно да знаат да си градат вредности во себе, да не учат за оценки туку да учат за знаење и од нив понатаму да произлезат професионалци кои ќе го градат ова општество“, рече претседателката Ивановска.
Директорката на училиштето „26 Јули“ Бесаре Сејиди објасни дека со кампањата почнале во април годинава и таа веќе дава резултати.
„ Во нашето училиште нашите ученици веќе знаат што е корупција, запознаени се и мислат дека се краде од нивната иднина. За да ја задржиме нашата иднина, за да имаат цел нашите ученици, за да студираат, за да останат во оваа наша убава држава, мислам дека ние сме тие што треба да ги вградат тие вредности, чесноста и други убави вредности кај нив. Се надеваме дека ќе имаме влијание за понатаму. Децата се нашата иднина, децата ќе бидат тие што ќе влијаат во нивните семејства кај нивните соседи, во општеството и ќе се ангажираат против корупција“, рече директорката Сејиди.
Претседателката Ивановска најави дека кампањата продолжува надвор од Скопје. „26 Јули“ е петтото училиште и последно во Скопје, од вкупно предвидени 13. Кампањата ќе продолжи во низ државата во штипско-кочанскиот регион, во струмичкиот, охридскиот и тетовскиот, а ќе бидат опфатени уште осум училишта.