Општина Центар додели сертификати на наставниците и стручните соработници од сите училишта во општината кои ги посетија обуките за рано препознавање, решавање и превенција на врсничко насилство – булинг. Обуките беа одржани во соработка со Здружението „Европски соѕвездија“ во КСП Центар –Јадро од страна на еминентни универзитетски професори.
Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски денеска при доделувањето на благодарниците порача дека булингот не е наивен проблем туку крајно сериозен и како таков треба да се сфати. Тој им порача на наставниците и стручните лица од училиштата да го применуваат стекнатото знаење од обуките и сериозно пристапат кон решавање на проблемите со меѓуврсничкото насилство.
„Врсничкото насилство не смее да се игнорира. Тоа може да предизвика сериозни последици по здравјето на учениците и семејството затоа ние како локални самоуправи имаме одговорност да ги преземеме сите мерки и активности за поголема безбедност во образовните установи. Нашите наставнички и стручниот кадар ги завршија обуките за рано препознавање и решавање на булингот меѓу учениците и искрено верувам дека новите знаења кои ги добија од професори стручни во областа ќе ги применат во пракса и ќе преземат соодветни мерки кога ќе препознаат меѓуврсничко насилство меѓу учениците. Во оваа прилика ги повикувам и родителите да се вклучат во целиот процес. За искоренување на оваа појава сите три алки се исклучително важни, наставници, стручна служба и родители. Воспитувањето доаѓа од дома затоа да разговараме за проблемите, укажеме на примерното однесување и зборуваме за последиците од исмевањето“, рече Герасимовски пред присутните.
Општина Центар се грижи за здравјето и иднината на учениците затоа вложува во континуирана едукација на образовниот кадар, во подобро утре за децата и следните генерации.