Милан Радоичиќ негира вина

Милан-Радоичиќ-негира-вина.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Поранешниот потпретседател на Српската листа, Милан Радоичиќ, кој денес беше приведен е осомничен за организирање на нападот на северот на Косово, во кој загинаа еден косовски полицаец и тројца Срби.


Радоичиќ беше сослушан во обвинителството и негираше дека ги извршил злосторствата за кои е обвинет, иако претходно ја презеде одговорноста за нападот што се случи пред девет дена од вооружена група во Бањска.

Полициски службеници на Управата за криминалистичка полиција извршија претрес во станот и другите простории на Радоичиќ, кој полицијата го задржала до 48 часа, јавува „Ал Џезира“.

Според наредбата за истрагата, Радоичиќ е обвинет дека од јануари до 24 септември од Тузла, Босна и Херцеговина набавил оружје, муниција и експлозивни направи со голема разорна моќ, кои наводно му биле доставени на територијата на град Белград, а потоа ги транспортирал и складирал на неутврдени локации на територијата на Косово, каде ги криел во напуштени објекти и шуми.

Радоичиќ претходно ја презеде одговорноста за вооружениот напад во селото Бањска на 24 септември, изрази подготвеност да одговори на надлежните органи на Србија и поднесе оставка од функцијата потпретседател на Српската листа.

Додека српските власти отфрлаат учество во организацијата на нападот на Косово, Владата на Косово претстави видео за кое, како што тврдат, докажува дека „терористичката група одговорна за нападот на север уживала логистичка поддршка од државните институции на Србија“.

Министерот за внатрешни работи на Косово, Џељаљ Свецла, во неделата изјави дека целта на „терористичкиот напад на Србија“ во Бањска е анексија на северот на Косово.

Тој рече дека подготовките за нападот се направени во Србија и дека тоа може да се види од беспилотните летала запленети од групата.

Свецла рече дека сликите докажуваат дека оваа група во Србија се подготвува, тренира и изведува вежби кај Јагодина и во воената база на Копаоник.

Европската комисија во понеделникот потврди дека Европската унија е подготвена да воведе санкции кон Србија за нападот на северот на Косово доколку земјите-членки на блокот најдат доволно докази.

ЕУ ги чека „конечните резултати од соодветната, детална истрага, која ќе ги разјасни сите околности околу терористичкиот напад и очекува целосна и безусловна соработка од Србија“.

Портпаролот за национална безбедност на Белата куќа, Џон Кирби, рече дека мировната мисија на Косово (КФОР) ќе го зголеми присуството на силите на НАТО на северот на земјата поради зголемените тензии.

Српскиот претседател Александар Вучиќ тврди дека инцидентите на северот на Косово не се во интерес на Србија, „имајќи предвид дека европските посредници во дијалогот со Косово ја назначија како конструктивен партнер“.

 

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK