Повеќе од 1.000 луѓе починале од денга треска во најлошата епидемија досега во Бангладеш, покажуваат официјалните бројки. Зголемените температури поради климатската криза доведоа до интензивно ширење и за прв пат се пријавени повеќе случаи надвор од густо населените урбани центри.
Од јануари, 1.017 луѓе починале од болеста што ја пренесуваат комарците, вклучително и повеќе од 100 деца, а бројот на заразени се искачи на повеќе од 208.000, според податоците објавени во понеделникот од Генералниот директорат за здравствени услуги на Бангладеш.
Денга треската е ендемична во јужноазиската земја, при што инфекциите обично го достигнуваат врвот за време на сезоната на монсуните меѓу јули и септември, но оваа година порастот на случаите започна многу порано, кон крајот на април.
Продолжената сезона на монсуните, која донесе повисоки температури во комбинација со неправилни и обилни врнежи, создаде идеални услови за репродукција на комарецот Аедес, кој ја пренесува болеста денга, посочуваат научниците. Приливот на пациенти го оптоварува здравствениот систем во земјата, а болниците се соочија со недостиг од кревети и персонал за да се грижат за нив.
Бројот на починати во епидемијата е речиси четири пати поголем од минатата година кога починаа 281 лице. Само во септември имало повеќе од 79.600 пријавени случаи и 396 смртни случаи.
Исто така, постои зголемена загриженост за ширењето на епидемијата во постудените месеци. Минатата година, бројот на случаи на денга го достигна врвот само во октомври, а повеќето смртни случаи се случија во ноември.
Во минатото, епидемиите беа претежно ограничени на густо населените урбани центри како главниот град Дака – дом на повеќе од 20 милиони луѓе – но оваа година инфекциите брзо се проширија низ целата земја, вклучително и руралните области.
Вирусната инфекција на денга предизвикува симптоми слични на грип, вклучувајќи силни главоболки, болки во мускулите и зглобовите, треска, а во некои случаи и внатрешно крварење и смрт. Се пренесува на луѓето со каснување од заразен комарец Аедес, а специфичен третман за оваа болест не постои.
Денга треската е ендемична во повеќе од 100 земји и заразува од 100 до 400 милиони луѓе секоја година, според Светската здравствена организација.