Холивуд се подготвува за делумно враќање на работа, постигнат е договор за прекин на штрајкот на писателите

Холивуд-се-подготвува-за-делумно-враќање-на-работа-постигнат-е.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Продуцентите на американските ток-шоуа почнаа да планираат нови епизоди во понеделникот, први чекори за враќање на Холивуд на работа откако сценаристите постигнаа привремен договор за прекин на нивниот речиси петмесечен штрајк.


Здружението или Еснафот на сценаристи на Америка (WGA), кој претставува околу 11.500 филмски и телевизиски писатели, постигнаа прелиминарен тригодишен договор со големите студија.

Договорот сепак мора да биде одобрен од раководството и членовите на синдикатот. Медиумите потсетуваат на последниот штрајк на писателите во 2008 година. Тогашниот привремен договор за прекин на штрајкот беше одобрен од повеќе од 90 отсто од членовите.

Додека актерите и понатаму штрајкуваат, доцните ноќни и дневни ток-шоуа може да продолжат со продукција откако нивните сценаристи ќе добијат зелено светло од Еснафот да се вратат на работа во наредните денови или недели.

Ноќните ТВ-шоуа, вклучувајќи ги најгледаните, како тоа на Дру Баримор (Drew Barrymore Show), Џими Фелон (Tonight Show Starring Jimmy Fallon) на „Ен-би-си“ и Џими Кимел (Jimmy Kimmel Live) на „Еј-би-си“, најверојатно ќе се вратат во етер за неколку дена, како резултат на постигнатиот договор.

Тригодишниот договор, постигнат по маратонските преговори меѓу Здружението на писатели на Америка и Алијансата на студија, стриминг-платформи и продукциски компании, треба да добие зелено светло од одборот на Еснафот и членовите, што ќе значи официјален крај на штрајкот.

Приближно 11.500 членови на Здружението на писатели на Америка на 2 мај излегоа на штрајк поради проблеми со хонорарите, работните услови и употребата на вештачка интелигенција при креирањето на сценарија.

Лидерите на синдикатот и холивудските студија постигнаа прелиминарен договор  по речиси пет месеци, иако сè уште нема договор за штрајкувачките актери. Актерите, кои им се придружија на писателите во јули, имаат свои проблеми, но сè уште нема најава за продолжување на преговорите со нивниот синдикат.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK