Шпанската национална полиција, со помош на Европол, уапси 27 лица за перење на повеќе од 65 милиони евра профит од трговија со дрога.
Криминалната мрежа била составена од албански и кинески државјани кои се занимавале со производство и трговија со дрога, како и со перење пари, се наведува во соопштението на Европол.
Мрежата оперирала преку нелегално правно лице преку кое вршела трансфери и прикрила големи суми пари од продажба на дрога, со кои се финансирале нови криминални операции.
При претрес на имотот на уапсените запленети се луксузни часовници и накит во вредност од над 400.000 евра, како и автомобили, телефони и 615.000 евра во кеш.
Истражителите веруваат дека криминалната мрежа испрала повеќе од 65 милиони евра за помалку од една година, од мај 2020 до март 2021 година.