Министерот за економија Крешник Бектеши го објави списокот на прехранбени производи кои согласно одлука на владата треба да поевтинат за 10 отсто од цената по која се продавале на 1 август во трговијата на мало.
Овие производи како што рече Бектеши во маркетите ќе бидат обележани со „гарантирана цена“ до крајот на ноември 2023 година.
Тој соопшти дека листата е утврдена и цените ќе треба да се применат откако таа ќе биде објавена во „Службен весник“.
Леб и пекарски производи, млеко и млечни производи, месо, тестенини и слично, се дел од производите кои ги најави Бектеши.
Бектеши ги повика и производителите и трговците да се искоординираат, бидејќи пазарните инспектори како што рече, ќе издаваат казнени налози со „забрана за вршење дејност“, односно продавниците ќе бидат затворани.
„Треба да ги одбележат сите овие производи со натписот „гарантирана цена“, која е објавена на веб-страницата на Министерството за економија и овие производи количински да ги снабдуваат најмалку за 70 отсто во однос на количините од месец август 2023“, кажа Бектеши.
Појасни дека продолжуваат преговорите со производителите и дистрибутерите на безалкохолни пијалоци, за намалување на цените и на овие производи.
За оние кои сакаат да манипулираат, како што кажа, најавени се строги контроли и казни.