Најмалку три лица загинаа, додека неколку лица се повредени во сообраќајката што се случи на патот Цетиње – Будва.
Како што пренесуваат од „Вијести“, автобусот слетал на релација Обзовица – Брајиќ.
Повредените се извлекуваат од возилото.
На местото на несреќата се испратени сите расположливи полициски сили од Будва и Цетиње, а на пат кон Обзовица се и припадници на специјалните полициски единици.
На терен се шест возила на брза помош. Од Службата за заштита и спасување на Будва за „Вијести“ велат дека испратиле три возила со пожарникари, бидејќи има многу повредени, според медиумот.
На екипите на итната помош, лекарите и медицинскиот персонал на Клиничкиот центар, како и на цетинската болница им била дадена препорака сите екипи да бидат подготвени да ги примат повредените.
„На магистралниот пат Цетиње – Будва се случила сообраќајна незгода, при што автобус слетал од коловозот. На лице место се сите расположливи единици на Полициската управа, итната медицинска помош и Управата за вонредни состојби“, соопштија од Управата на полиција на мрежата Х.