Индија протера канадски дипломат, неколку часа откако Отава протера индиски дипломат

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Индија денеска објави дека протерала врвен канадски дипломат, само неколку часа откако Отава протера индиски дипломат, со образложение дека е поврзан со убиството на лидерот на канадските Сики во Британска Колумбија во јуни.



„Од дотичниот дипломат е побарано да ја напушти Индија во следните пет дена“, се вели во соопштението на индиското Министерство за надворешни работи, пренесува Ројтерс.

Во соопштението се додава дека „одлуката ја одразува зголемената загриженост на Владата на Индија поради мешањето на канадските дипломати во внатрешните работи и нивното вклучување во активности против Индија“.

Канадскиот премиер Џастин Трудо рече дека индиската влада можеби стои зад убиството на канадскиот водач на Сиките, Хардип Синг Ниџар пред храмот на Сиките на 18 јуни во Британска Колумбија.

Трудо рече дека канадските разузнавачи идентификувале „веродостојна врска“ меѓу неговото убиство и индиската држава. Канадската министерка за надворешни работи Мелани Џоли изјави дека шефот на индиската разузнавачка служба во Канада бил протеран поради тоа.

Џоли додаде дека канадските власти се ограничени во она што можат јавно да го кажат за случајот поради тековната истрага за убиството. Индија соопшти дека ги отфрлила наводите на Трудо, нарекувајќи ги „апсурдни и мотивирани“.

„Ние сме демократска земја со силна посветеност на владеењето на правото“, се вели во соопштението објавено од Министерството за надворешни работи.

Трудо рече дека Канада изразила загриженост за смртта на Ниџар кај високите безбедносни и разузнавачки агенции во Индија.

Ниџар бил убиен од двајца маскирани вооружени лица додека бил во својот камион на прометниот паркинг на Гуру Нанак Сик Гурдвара во градот Сари, околу 30 километри источно од Ванкувер.

Тој беше истакнат водач на Сиките во провинцијата Британска Колумбија и гласен поддржувач на барањето на заедницата да се формира посебна држава, наречена Калистан, која ќе се отцепи од Индија.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK