Американскиот државен секретар Антони Блинкен ја пофали улогата на Германија во ограничувањето на финансиските ресурси на водачот на босанските Срби Милорад Додик во разговор со германската министерка за надворешни работи Аналена Баербок.
Да потсетиме, Додик најави отцепување доколку се додели државен имот на државата Босна и Херцеговина и систематски го негира легитимитетот на високиот меѓународен претставник во Босна и Херцеговина, германскиот политичар Кристијан Шмит. Поради овие потези, Германија ја блокираше реализацијата на неколку проекти во Република Српска, скратувајќи поддршка од повеќе од 100 милиони евра.
„Многу го цениме лидерството на Германија кога станува збор за ограничување на некои финансиски текови кон Додик“, рече Блинкен на прес-конференција по средбата со неговиот германски колега во Вашингтон.
Тој додаде дека е важно Германија да го зајакне бројот на своите војници во мисијата Алтеа на европските мировни сили (ЕУФОР) со цел да се гарантира стабилноста и безбедноста на земјата.
„Разговаравме за тоа како ЕУ може да го одржи притисокот врз актерите кои ја изложуваат Босна и Херцеговина на голем ризик, особено Додик, користејќи ги сите потребни алатки и јакнејќи ја способноста на мисијата за стабилност“, посочи Блинкен.
Претходно денеска, германската влада ги оцени најавите на Додик дека ќе го уапси Шмит доколку стапне во Република Српска како потполно неприфатливи.
„Дејтонскиот договор дава значаен придонес за зачувување на мирот во Босна и Херцеговина речиси три децении. Зачувувањето на тој мировен поредок е централна задача на високиот претставник, кој ја има целосната поддршка од федералната влада“, соопшти Берлин.
Властите во Република Српска го негираат легитимитетот на Шмит, сметајќи дека неговиот избор мораше да биде потврден во Советот за безбедност на ОН, како што беше случајот со сите негови претходници.