На денешната собраниска седница на Комисијата за финансирање и буџет се обрати Дафина Стојаноска, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ и пратеничка, која истакна дека со Буџетот за 2027 година се предвидени конкретни инвестиции во обрзованието, притоа стави акцент на основното училиште во селото Непроштено, општина Теарце.
Стојаноска информираше дека проектот за училиштето е подготвен и одобрен, а се очекува изградбата да започне во 2027 година и нагласи дека станува збор за исклучително значајна инвестиција за децата и нивните родители.
„Предвидени се, исто така, и активности за изградба и реконструкција на училишта и фискултурни сали. Тоа звучи технички, сè додека не се сетиме на учениците што немаат пристојна спортска сала или на наставниците што работат во простор кој бара поправки. Секој реконструиран објект треба да значи подобра настава и побезбедна средина, а не само фотографија од завршени работи. И ќе кажам отворено: не е доволно да се предвиди само износ. Бидејќи, ниту едно дете не смее да биде невидливо за образовниот систем. Секое училиште, секој негов директор и секој родител со своето дете имаат право да знаат кога ќе започне и кога ќе заврши проектот. Во овој дел, како пратеничка од шестата изборна единица, посебно сум заинтересирана и веќе зборував со министерката за образование и наука, професорката Јаневска, за основното училиште во село Непроштено – општина Теарце, за кое ми кажа дека проектот бил готов и одобрен и се надева дека во 2027 ма ќе се започне со градба. Ова ќе е исклучителна инвестиција за дечињата и нивните родители од Непроштено“, вели Стојаноска.
Стојаноска се осврна и на планираните капитални инвестиции, посочувајќи дека за оваа намена се предвидени 40,8 милијарди денари. Таа нагласи дека средствата треба да се преточат во конкретни инфраструктурни проекти, меѓу кои патишта, училишта, здравствени објекти, водоводи и железничка инфраструктура, а упати и критики до претходните влади за нереализираните ветувања во изградбата на автопатите.
„Особено место во овој буџет имаат инвестициите, впрочем како и секогаш – кога буџети предлага Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ. За капитални расходи се планирани 40,8 милијарди денари. Овие средства треба да добијат и своја точна адреса, како пат, училиште, здравствен објект, водовод, железничка линија. Тука се коридорите 8 и 10 Д, делниците Тетово–Гостивар, Гостивар–Букојчани и Прилеп–Битола, како и продолжувањето на работите на Кичево–Охрид, Кичево–Букојчани и Скопје–Блаце. Едни други влади, пред не така далечни времиња, не успеаја ни 6 билборди да постават, а не пак во исто време да градат 6 автопатски делници. Спомените од тие времиња се само билбордите со реклама дека отпочнува градба, но ниту сантиметар автопат не видовме од тие билборди“, рече Стојаноска.
Осврнувајќи се на одговорноста при управувањето со јавните финансии, таа посочи дека буџетскиот дефицит е планиран да се намали од 4,1 на 3,5 проценти од БДП, додека за камати се предвидени околу 24,9 милијарди денари. Притоа упати критики и до претходната влада предводена од СДС и ДУИ, обвинувајќи ја за неодговорно задолжување и недоволна реализација на капиталните инвестиции.
„Секако, пред крај, морам да истакнам дека зборуваме и за одговорноста кон јавните финансии. Буџетскиот дефицит е планиран да се намали од 4,1 на 3,5 проценти од БДП. Долгот што доспева и каматите што се плаќаат се сериозни обврски. Само за камати се предвидени околу 24,9 милијарди денари. Ова е дополнителна или најважна причина, поради која секоја институција треба да биде повнимателна и секој проект да има реален план. Не смее денешното решение да стане утрешен товар, што лесно можел да се избегне. Нешто слично се случуваше во периодот од 17 та до 24 та, кога Владата ја предводеа ДУИ и СДС. Кога Македонија се задолжуваше, без да се мисли за отплатата на долговите, кога не се преговараше за пониска камата, туку за поголем профит, кога за сметка на здравјето на граѓаните се доцнеше со набавка на вакцини“, истакна Стојаноска.