Приходите од извозот на руска нафта и нафтени деривати се зголемени во август годинава за 11,8 отсто во однос на јули, пренесува Меѓународната агенција за енергија.
Според податоците на оваа организација, минатиот месец Русија од извозот на овие производи заработила 17,1 милијарди американски долари, а тоа е највисок показател од октомври минатата година кога се заработени 17,3 милијарди долари.
Производството на нафта во Русија во август беше на исто ниво како и досега, 9,5 милиони барели дневно, но агенцијата предупреди дека Русија и Саудиска Арабија може да создадат сериозни проблеми на светскиот пазар доколку продолжат да се држат до одлуката за намалување на производството на нафта.
Двете земји, на почетокот на месецов одлучија да продолжат со намалување на вкупното, односно заедничкото дневно производство на нафта за 1,3 милиони барели до крајот на оваа година. Во јули оваа година Саудиска Арабија одлучи да го намали производството на нафта за еден милион барели дневно, додека Русија одлучи да го намали производството на оваа енергија за 300.000 барели за истиот период.
Откако двете земји претходно овој месец објавија дека ќе го намалат производството на нафта, цената на нафтата се искачи над 90 долари за барел, многу над западната граница од 60 долари.
Белата куќа не е среќна поради намалувањето на производството на нафта и веќе го критикуваше кралството за тесна соработка со Москва. Администрацијата на Бајден сака да ги контролира цените на нафтата пред претседателските избори следната година, каде што инфлацијата и трошоците за гориво се главните прашања за кампањата.
Саудиска Арабија, исто така, неодамна се приклучи на групата БРИКС предводена од Русија.