Јаневска: Сите реформи се итни, работиме на подобрување на квалитетот на образованието и усогласување со пазарот на труд


Janevska-1.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Министерката за образование и наука Весна Јаневска учествуваше на панел дискусија посветена на Извештајот за раст и работни места, кој Светска банка го изготви за Македонија, а кој денес беше презентиран во присуство на повеќе владини и претставници на академската и бизнис заедница во земјата.


„Укажувањето дека квалитетот на образованието бара значителни подобрувања, е во основа на реформите кои се преземаат почнувајќи од основното сé до високото образование. Фокусирани сме на отстранување на системските слабости и сите реформи се итни, затоа што како земја во развој немаме комоција за губење човечки потенцијал“, рече Јаневска, одговарајќи на прашање за тоа кои промени се приоритетни за олеснување на преминот од образование кон работа.

Потенцираше дека актуелната Влада се грижи за унапредување на образовната инфраструктура во која за две години се вложени 70 милиони евра, се набавуваат нови наставни програми и учебници и се работи на подигнување на мотивацијата на наставниот кадар преку раст на платите и повеќе можности за кариерен и професионален развој. Во основното образование се реализира програма за професионална ориентација, а во средното пак се номинираат кариерни советници кои ги насочуваат младите кон областите за кои имаат потенцијал. Дигиталните вештини и вештачката интелигенција се дел од повеќе курикулуми, а се работи и на интегрирање на вештини за зелена транзиција.

Јаневка го издвои дуалното образование во средните стручни училишта како наш најуспешен образовен модел и рече дека тој ќе продолжи да се проширува во повеќе училишта, но и на повисоко образовно ниво.

„Дуалното средно образование го реализираме во соработка со германската и швајцарската развојна агенција, Шведска и Австрија, и за овие кадри речиси во целост има обезбедено вработување кај работодавачите каде се реализирале практичното образование и обуката. Ако овој модел го пресликаме и во високото образование, сигурна сум дека и таму ќе даде ефект. Всушност, дел од факултетите веќе забрзано се поврзуваат со компании и ги испраќаат учениците на практична обука кај овие потенцијални работодавачи“, додаде министерката.

Потсети дека со новиот Предлог закон за високото образование се воведуваат стручни студии од прв циклус, специјалистички стручни студии од втор циклус и кратки стручни студии. Законот е сè уште во собраниска процедура и изрази очекување дека поради неговата важност, поскоро ќе биде усвоен, а примената ќе ја зајакне врската помеѓу образованието и пазарот на трудот.

„Ни претстои заедничка работа со академската заедница во делот на обезбедување релевантност на програмите и следењето на исходите на дипломираните. Уште многу ангажман, кој ќе резултира со променето сфаќање на дипломата како крајна цел. Цел е да го вклучиме потенцијалот на младите во обликување на иднината, нивната, но и нашата заедничка“, нагласи Јаневска.

На панел дискусијата се обратија и министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски, заменикот амбасадор на ЕУ во Македонија, Бен Нупнау и Виктор Мизо од компанијата Костал. Претходно, воведно обраќање при презентацијата на Извештајот имаше премиерот проф. д-р Христијан Мицкоски.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK