Хајдук нема закажано лекарски прегледи за Александар Трајковски, објавија „Спортске новости“. Македонскиот репрезентативец е слободен играч откако му истече договорот со Ал Фајх чии дрес го носеше 18 месеци.
„На Пољуд денска не го очекуваат Трајковски на лекарски прегледи“, пишуваат „Спортске новости“ и на тој начин ги демантираат пишувањата на „Калчомеркато“ и „Тутоспорт“, дека во четврток македонскиот репрезентативец ќе ги мине лекарските прегледи, а потоа ќе потпише договор со Хајдук.
Италијанските медиуми вчера објавија дека за потписот на слободниот играч, Александар Трајковски се борат хрвтаските великани Хајдук и Динамо и дека фудбалерот решил да потпише за клубот од Сплит.
Македонецот веќе има искуство во првенството на Хрватска. Во 2010 година од Цементарница на 17. годишна возраст се пресели во Интер Запрешиќ. Во сезоната 2010/2011. во ХНЛ одигра само десет натпревари како првотимец за Интер, но тоа му беше доволно да постигне три гола и четири асистенции.
Пред 19. роденден си замина од Интер, кој не можеше да одбие 1.100.000 евра, кои ги понуди белгиски Варегем. Подоцна Трајковски херој играше за Мехелен, Палермо, Мајорка, Алборг и споменатиот саудиски клуб.
Најистакнат беше во Палермо, каде на 113 настапи постигна 20 и постави 16 гола и во Варегем, за кој постигна 13 и асистираше на 11 гола на 95 натпревари. На 84 настапи за Македонија постигна 21 гол.