Севернокорејскиот лидер, Ким Џонг-ун, му ветил на рускиот претседател Владимир Путин помош во руската војна против Украина, објавија медиумите по неговата средба со Путин во современиот руски вселенски објект Восточни.
Русија застана да го заштити својот суверенитет и безбедност, рече Ким на средбата со Путин, пренесува новинската агенција „Интерфакс“.
„Ние секогаш сме ги поддржувале и ќе ги поддржуваме сите одлуки на Путин и одлуките на руската влада. Се надевам дека секогаш ќе бидеме заедно во борбата против империјализмот и во изградбата на суверена држава“, додаде Ким.
Средбата меѓу Путин и Ким е прва посета на севернокорејскиот лидер на Русија во последните четири години. Покрај прашањето за ракетната технологија, според набљудувачите, на дневен ред на состанокот е и испораката на оружје и муниција од Северна Кореја за Русија.
Северна Кореја лансираше две балистички ракети
Самитот на лидерите на двете земји, кои се повеќе и повеќе меѓународно изолирани, внимателно го следат Вашингтон и неговите сојузници, веруваат дека би можеле да се договорат за трговија со оружје и одбранбена технологија. Американските и јужнокорејските власти изразија загриженост дека Ким ќе разговара за испорака на оружје и муниција за Русија, која потроши огромни резерви во повеќе од 18 месеци војна во Украина.
Москва и Пјонгјанг ги негираа таквите намери. На денот на состанокот, Северна Кореја истрела две балистички ракети. Изборот на состанокот на космодромот Восточни – симбол на амбициите на Русија како вселенска сила – е важен бидејќи Северна Кореја двапати не успеа да лансира извидувачки сателити во изминатите четири месеци.
Путин најави дека Русија ќе ѝ помогне на Северна Кореја да изгради сателити, а на прашањето дали тој и Ким Џонг-ун ќе разговараат за испораките на оружје, тој одговори дека двајцата лидери ќе разговараат за сите прашања.
„Ким покажа голем интерес за ракетното инженерство“
На прашањето на новинарите дали Русија ќе му помогне на Ким да изгради сателит, Путин одговори: „Затоа дојдовме овде. Лидерот на КНДР покажува голем интерес за ракетното инженерство, тие исто така се обидуваат да развијат вселенска програма“.
Неколку часа пред очекуваниот самит, Северна Кореја лансираше две балистички ракети со краток дострел од област во близина на главниот град Пјонгјанг во морето кај нејзиниот источен брег, објавија јужнокорејската војска и јапонската влада.
Тоа е прво вакво лансирање додека Ким е во странство, велат аналитичарите. Ким патувал надвор од земјата само седум пати во неговите 12 години на власт, сите во 2018 и 2019 година. Тој, исто така, двапати накратко ја преминал корејската граница.