Рускиот претседател Владимир Путин ужива апсолутна поддршка од населението, тој постојано ја покажува својата способност да ги реализира своите можности, изјави портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков во интервју за „РБК“.
Тој додаде дека Путин има апсолутна поддршка од народот и доколку реши повторно да се кандидира на следните претседателски избори, нема да има конкуренција.
Песков понатаму истакнува дека Путин се уште не кажал ништо за неговата идна кандидатура, како и дека Кремљ се уште не се подготвува за следните избори, кои треба да се одржат во првата половина на следната година. Сепак, тој наведува дека регионалните и парламентарните избори во земјата, кои завршија вчера, најдобро ја покажале поддршката на народот за владејачката партија „Единствена Русија“, а со тоа и за самиот Путин.
Русија никогаш не носела розови очила кога станува збор за НАТО, отсекогаш сме знаеле дека тоа е сојуз кој се стреми кон конфронтација и предизвикува тензии на континентот, додава Песков.
Стратегијата на Северноатлантската алијанса, која има за цел да ја потисне Русија, е добра потврда за ова и уште еден знак дека официјалниот прекин на комуникацијата со Алијансата беше правилна одлука.
„Едноставно не ни треба дијалог во такви услови. Алијансата не е создадена заради мирот, тој е создаден заради конфронтација“, вели тој.
Да потсетиме дека на 18 октомври министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Лавров изјави дека Москва ја прекинува работата на својата постојана мисија во НАТО. Одлуката стапи во сила на 1 ноември минатата година.
Песков додава и дека денес Русија нема отворени директни канали за комуникација со колективниот Запад, бидејќи таму „сега никој не е подготвен да прифати каков било аргумент“.
Тие немаат лидери кои би можеле да го заобиколат системот на управување, кој го води НАТО, заклучува Песков.
Зборувајќи за украинската криза, која трае повеќе од една година, тој тврди дека и сега нема индикации дека во блиска иднина би можело да има преговори со Киев.
Претседателот Путин повеќепати изјави дека е подготвен за дијалог, но Киев не покажува дека е заинтересиран за тоа, објаснува портпаролот. Како што понатаму изјави, откако минатата година беше прекинат мировниот процес во Истанбул, т.е. преговорите во Турција, Киев не покажа знаци дека е подготвен за дијалог.
Сепак, Кремљ денеска вели дека Украина, во случај на разговори, ќе мора да ги прифати новите реалности, односно дека ситуацијата не е иста како што беше пред февруари минатата година.
Западњаците не можат да бидат посредници меѓу Москва и Киев
Портпаролот на Кремљ исто така тврди дека Западот повеќе не може да ја игра улогата на посредник меѓу Русија и Украина, иако сака да ја задржи таквата улога. Западњаците ја изгубија таа можност, објаснува тој.
Како пример, Песков понатаму ги наведува германскиот канцелар Олаф Шолц и францускиот претседател Емануел Макрон, кои, како што вели, многу често преземале чекори кои не биле во корист на нивните земји, туку на Вашингтон.
Европа е под сериозен притисок од Вашингтон, „речиси сите европски метрополи се погодени од вирусот на русофобија“, додека тие ја загубија својата независност, заклучува тој.
Ќе се вратат бегалците Руси
Песков и денеска вели дека мисли дека експертите кои побегнале од земјава ќе се вратат порано или подоцна, кога ќе видат дека економијата на Руската Федерација е во стабилна состојба.
Путин и Ердоган можат брзо да се сретнат доколку има потреба за тоа
Не е исклучено рускиот претседател Владимир Путин и неговиот турски колега Реџеп Таип Ердоган повторно да се сретнат за уште еднаш да разговараат за Договорот за жито, но сè уште не е одреден конкретен датум, изјави портпаролот на Кремљ.
Според него, двајцата лидери често разговараат по телефон и нивните средби се организираат „сосема оперативно“.
Песков вели и дека не било возможно да се продолжи на неодредено време Договорот за жито, бидејќи тоа што и беше ветено на Русија пред речиси една година се уште не е исполнето.
Кина веќе ги надмина САД на многу начини
Во исто време, портпаролот на Кремљ се осврна и на Кина, велејќи дека Пекинг не само што е на петиците на Вашингтон, туку и го престигнал на многу начини кога станува збор за економијата.
Мултиполарен свет е реалност, заклучува тој.