Сообраќајната несреќа во која загинаа четири лица, а дури 53 се повредени, е резултат на невнимание на надлежните органи, кои треба да сносат одговорност, пишуваат грчките медиуми.
Несреќата се случи на 25 километри од граничниот премин Богородица, во близина на областа Поликастро.
Како што велат, оваа делница се нарекува „патот на смртта“, кој не е надграден од 1970 година.
На овој дел од автопатот (Е 75) што ја поврзува Грција со срцето на Европа, невини луѓе постојано ги губат животите поради неговата лоша состојба, а никој не реагира, пишуваат грчките медиуми, пренесува „Блиц.рс“.
Тешката сообраќајна несреќа се случи утринава околу 7 часот на патот Атина-Солун, кога автомобил налета на автобус со нишка регистрација, во кој имало 78 патници. Повредени се сите патници во автомобилот, мажот (60) веднаш бил пренесен во болница, но и покрај борбата на лекарите им подлегнал на повредите.
Откако автобусот се судрил со возилото, друг автомобил удрил во возилото, но сопатничката од Србија и детето во тој автомобил не се повредени. Автобусот и вториот автомобил паднале покрај патот, пришто автобусот се превртел.
Општинската власт на Пеонија во Кукуш, низ која минува „патот на смртта“, повеќепати предупредуваше за овој пат поради неизбежни сообраќајни несреќи со смртни последици. Во едно од нејзините писма се наведува дека од отворањето на патот во 1970 година, односно повеќе од педесет години, овој пат не претрпел никакви промени.
Првите 15 километри се најопасни
„Иако овој патен правец е централна копнена порта на државата низ која поминуваат околу 8.000.000 автомобили годишно, тој не е целосно развиен како оска со спецификации за автопат, бидејќи има само една сообраќајна лента. Првите 15 километри се најопасни, бидејќи во последните седумнаесет години се забележани 107 сообраќајни несреќи, што одговара на приближно 78 отсто од сите сообраќајни несреќи на овој патен правец. На овој петнаесеткилометарски пат животот го загубија 45 лица, а повеќе од 150 се тешко повредени, најмногу во верижни судири“ пишува грчкиот весник „Катимерини“.
На ваков опасен пат, оние кои влегуваат во Грција од Македонија, плаќаат патарина од 2017 година.
Овој дел многу возачи го сметаат за небезбеден, а средишниот дел на патот често се користи за заобиколување во двете насоки, додека побавните возила се движат во лентата за застанување за да направат место за оние кои брзаат.
Како што пишуваат грчките медиуми, „невини души испраќаме во смрт, како овие денес“.
Како што е соопштено, постои сомневање дека до несреќата дошло бидејќи возачот на автомобилот кој удрил во автобусот заспал. Во возилото имало четворица мажи – тројца Грци и еден Русин, кои тргнале на риболов кога трагично загинале.