Тешка сообраќајна несреќа се случи на патот Атина – Солун, кога се судриле автобус со српски регистарски таблички и автомобил.
Грчките медиуми јавуваат дека загинале три лица од автомобилот, а повредени се 42 лица, од кои 11 се здобиле со тешки повреди.
Во сообраќајната несреќа учествувале двокатен туристички автобус со српски регистарски таблички и 78 патници, кој се судрил со автомобил во кој се превезувале четворица патници.
Тројца патници во автомобилот биле пронајдени мртви, а четвртиот е тешко повреден. Набргу откако автобусот се судрил со возилото, друг автомобил удрил во возилото. Сепак, двајцата патници – жена и дете од вториот автомобил не се повредени, пренесе „Блиц.рс“.
Како што велат очевидци за „Рина“, автомобилот ненадејно преминал на спротивната лента и се судрил со автобусот што доаѓал. Сепак, истрагата ќе ги утврди официјално причините за несреќата.
Повредени се 42 лица, меѓу кои и две деца на возраст од 6 и 9 години. Повредените се здобиле со разни повреди, додека на лице место укажана е помош од лекари од мобилните единици.
Туристичкиот автобус по судирот се превртел.
Засега нема информации за националноста на починатите лице од автомобилот.