Бројот на загинати во земјотресот во Мароко се искачи на 2.012 лица, јави рано утринава мароканската државна телевизија, повикувајќи се на соопштение на Министерството за внатрешни работи.
Бројот на повредени се искачи на 2.059, вклучувајќи 1.404 лица кои се во критична состојба, се додава.
„Првите 72 часа се апсолутно критични, тоа е она што ние го нарекуваме златен период“
Портпаролот на Детскиот фонд на ОН УНИЦЕФ Џо Инглиш изјави за Си-Ен-Ен дека се уште постои надеж дека ќе се најдат преживеани.
„Првите 72 часа во однос на потрагата и спасувањето се апсолутно критични… Го нарекуваат „златен период“ затоа што ако сакате да одите под урнатините, тоа е време да го направите тоа и понекогаш гледаме чуда“, рече тој.
Владите ширум светот нудат помош
Владите ширум светот изразија солидарност и понудија помош. Турција, каде во февруари во силните земјотреси загинаа повеќе од 50.000 луѓе, рече дека е подготвена да даде поддршка. Алжир, кој ги прекина врските со соседен Мароко во 2021 година, како што ескалираа тензиите меѓу нив поради конфликтот во Западна Сахара, рече дека ќе го отвори својот воздушен простор за хуманитарни и медицински летови.
Маракеш треба да биде домаќин на годишните состаноци на Меѓународниот монетарен фонд и Светската банка на почетокот на октомври. Портпаролот на ММФ го коментираше закажаниот настан со зборовите „Сега нашиот единствен фокус е на народот на Мароко и властите кои се справуваат со оваа трагедија“, пренесува Ројтерс.
Во Маракеш, каде уличките се тесни и преполни со скршен материјал, луѓето се обидуваат да ги отстранат блоковите со голи раце за да ги откопаат мртвите и да ги најдат живите.
Луѓето со голи раце бараат преживеани, телата лежат пред болниците
Во селото Амизмиз во близина на епицентарот, спасувачките екипи со голи раце копаат низ урнатините. Паднатите делови од ѕидовите ги блокираа тесните улички. Пред болницата лежат десетици тела покриени со чаршафи, а до нив ожалостени роднини.
Најсмртоносниот земјотрес во Мароко од 1960 година
Речиси сите куќи во областа Асни, на околу 40 километри јужно од Маракеш, се оштетени, селаните ја поминаа ноќта на отворено.
„Недостига храна, вода, нема покрив, нема кујна“, вели еден од нив, Мохамед Оухамо. Светската здравствена организација објави дека повеќе од 300.000 луѓе биле погодени од земјотресот во самиот град Маракеш и околните области.
Тоа е најсмртоносниот земјотрес што го погодил Мароко од 1960 година, кога се проценува дека загинале најмалку 12.000 луѓе, соопшти Американскиот геолошки институт.
Центарот на Маракеш е под заштита на УНЕСКО и е тешко оштетен, се урна минарето на џамијата на плоштадот Џемаа ал Фна.
Државната телевизија прикажа снимка од областа Мулај Ибрахим, 40 километри јужно од Маракеш, каде што се урнаа десетици куќи на ридот.
Кралството Мароко прогласи тридневна национална жалост, а знамињата ќе бидат на половина копје низ целата земја. Мароканските вооружени сили помагаат во расчистување на урнатините и испорака на вода, храна и други резерви.