Американската потпретседателка Камала Харис денеска оцени дека би било „огромна грешка“ доколку Северна Кореја ѝ даде воена поддршка на Русија за војната против Украина.
Харис, во интервју за CBS News на маргините на самитот на АСЕАН во Џакарта, нагласи дека барањето помош од Пјонгјанг ќе биде знак на очајот на Русија и дека дополнително ќе ги изолира двете земји.
„Многу е јасно дека Русија е многу очајна. Тие веќе доживеаја стратешки неуспех. Размислете само – на почетокот на војната, пред година и пол, експертите велеа дека се ќе биде готово за неколку дена. Па, Украинците се уште се борат“, рекол Харис, пренесува Ројтерс.
На почетокот на оваа недела, светските медиуми објавија изјави на неименувани американски претставници дека севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун планира да ја посети Русија овој месец и да разговара со рускиот претседател Владимир Путин, меѓу другото, за можноста Пјонгјанг да и обезбеди оружје на Москва за војната во Украина.