Во циклонот што го погоди југот на Бразил загинаа 21 лице, изјави гувернерот на бразилската држава Рио Гранде до Сул, Едуардо Леите, пренесува агенцијата Бета, повикувајќи се на АФП.
Тој изрази жалење за „тешкиот биланс за еден климатски настан“ во регионот.
„За жал, добив информација дека во општина Мусун се пронајдени 15 тела, со што бројот на жртви се искачи на 21“, рече гувернерот Леите на прес-конференција.
Зафатени се 54 градови
Стотици луѓе, исто така, беа принудени да ги напуштат своите домови поради невремето, кое започна во понеделникот.
Циклонот донесе обилни дождови на југот на јужноамериканската земја, кои предизвикаа поплави и лизгање на земјиштето.
Невремето погоди вкупно 54 градови и директно погоди повеќе од 20.000 луѓе, изјави шефот на националната агенција за катастрофи за телевизијата Globo News.