Стојаноски за даночните реформи: На криминалците од власта поважно им е да го соберат арачот, а трагедиите од Онкологија да ги сокријат

Стојаноски-за-даночните-реформи-На-криминалците-од-власта-поважно-им.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Денес ќе продолжи 120 седница на која ќе се разгледуваат законите од т.н. даночна реформа, наместо да дискутираме за скандалот на Универзитетската клиника на радиотерапија и Онкологија. Итно расчистување на овој грозоморен скандал е приоритет и го повикуваме владиното мнозинство да не бега и веднаш да се формира Анкетна комисија и да се разгледува извештајот на ДЗР за утврдените неправилност уште од 2021ва година, истакна на прес-конференција Бојан Стојаноски од ВМРО-ДПМНЕ.



На криминалците од власта, како што вели, поважно им е да го соберат арачот за да продолжат да крадат, а трагедиите на пациентите од Онкологија и фактот дека некој свесно убивал луѓе сакаат да ги сокријат низ Собраниските лавиринти.

„За потсетување на граѓаните, ова не е даночна реформа, туку арач на сите нивоа. Со данокот за додадена вредност се зголемува ДДВ за храна на 10%, наместо моменталните 5%. Иако бараме веќе неколку месеци, Власта одбива да ја даде целосната листа на производи што ќе ги поскапи. Во услови на инфлација, која е особено изразена кај прехранбените производи, Власта дополнително ќе ги покачи цени. Дрско, безобразно и надвор од реалноста“, кажа Стојаноски.

Појасни дека со законот за данок на добивка, ќе ги укинат ваучерите за спорт.

„Откако ги фатија функционерите од Агенција за млади и спорт дека прават злоупотреби, решија да ги укинат ваучерите, а со тоа да ги казнат спортистите. Системот има слабости, но тие треба да се отстранат, а не да се укинат 10 милиони евра кои го одржуваат и онака кревкиот спорт во Македонија. Во комисиската расправа, министерот за финансии најави нов модел, но еве веќе 3 месеци поминаа, а такво нешто нема. Дополнително, се додава уште една спорна одредба која му дава преголемо дискреционо право на инспекторот од УЈП да казнува за реинвестирана добивка – на база на субјективна одлука. Ова е уште една гилотина за притисок на Стопанството“, нагласува Стојаноски.

Со третиот закон кој се однесува на данокот на солидарност владата, дополнува Стојаноски, удира по најуспешните од стопанството.

„Се повикуваат на европски практики, само за побрзо да се дограбат до пари кои немилосрдно ќе ги трошат. Не постои регулатива во ЕУ со која е воведен еднократен данок за сите компании како што е кај нас. Во ЕУ овој данок се однесува само на енергетските компании кои работат со нафта, јаглен, природен гас и електрична енергија. Овој закон нема поддршка од ниту еден општествен чинител и сите стопански комори се едногласно против ова решение. Власта ќе собере стотина милиони евра од граѓаните и стопанството. Овие пари власта може да ги собере со сузбивање на распространетата сива економија, но тоа не го прави. Полесно им е да зголемат давачки отколку да работат“, потенцира Стојаноски.

Апелираше до мнозинството, веднаш да се отпочне со постапката и расправата за случувањата на Онкологија.

„Секој изминат ден, е можност за трговците со цитостатици да ги заташкаат трагите. Мора да се утврдат лицата кои направиле злоупотреба и истите да бидат соодветно казнети. Довербата пациент-доктор е сериозно нарушена, да се лоцира одговорност е повеќе од неопходно“, оценува Стојаноски.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK