Собраниските пратеници завршија со одморот. На првиот работен ден, пратеничката од опозицијата Дафина Стојаноска му се обрати на собранискиот спикер и владејачкото мнозинство.
Како стоите мирно денес тука, ги праша пратеничката Стојаноска, собранискиот спикер Талат Џафери и владејачкото мнозинство, алудирајќи на скандалот со Онкологија.
„Да имавме луѓе со морална чест и доблест уште во саботата ќе расправавме за оставка на владата. Да имавме претседател со чест и доблест ќе дојдеше да ни се обрати. И конечно да имавме владејачко мнозинство со чест и доблест, денес сите заеднички ќе се сложевме да расправаме по една друга пленарна седница, со единствена точка на дневен ред – за болните од рак на Онкологија. За жал ништо од ова нема, а проблемите само се таложат“, потенцира пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ.
На седницата, како што рече, треба да се зборува за скандалот на Онкологија а не да се подметнуваат закони со европски знамиња. Реагираше и на постапката на Џафери за незакажување на седницата за уставните измени.
„Многу добро ни е јасно зошто нема да свикате седница за уставните измени, можеби и до крајот на вашиот мандат. Но многу се плашам, дека до крајот на вашиот мандат, ќе ви се случат уште многу несреќи заради вашата небрежност и однесување“, кажа Стојаноска.
Џафери и објасни дека седницата за уставните измени ја прекинал откако утврдил дека дискусијата била исцрпена.
„Јас не сум крив што цитирате погрешни норми, нема правен проблем за прекин на седницата. Јас не го толкувам, туку го спроведувам тоа што го пишува во Деловникот“, одговори Џафери.
Револтирана за скандалот со Онкологија и незакажувањето на седницата за уставните измени, Стојаноска од собраниската говорница со порака до владејачкото мнозинство: „Запрете со овој филм, надвор имаме реалност, надвор ни се случуваат ужасни настани а вие ќе си гласате закон за да се амнестирате“.
Пратеникот Скендер Реџепи беше целосно согласен со Стојаноска во врска со скандалот на Онкологија. И за него, како што рече, таму е сторено кривично дело. Но, според Реџепи, кривично дело е и неможноста Албанците од Велес да се образуваат на нивниот јазик.
„На Албанците од Велес не им се дозволи образование на албански јазик, дали ова не е кривично дело, кога уставното право го опфаќа и начелото за образование“, праша Реџепи.
Инаку на денешната седница на дневен ред е предлог на декларацијата по повод сто и дваесет годишнината од Илинденското Востание и Крушевската Република.
Пратениците ќе дискутираат и по предлогот за избор на член на Националниот совет за високо образование и научно-истражувачка дејност и предлогот за избор на членови на Државниот совет за превенција на детско престапништво.
Како што е најавено, пратениците треба да расправаат и по предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за акцизите и на Законот за Развојната банка на Северна Македонија, по скратена постапка и слично.