Шампионката од Вимблдон, Чехинката Маркета Вондроушова направи уште еден чекор до втора гренд слем титула во низа, победувајќи ја американската тинејџерка Пејтон Стернс со 6:7(3)/6:3/6:2 за пласман во четврт-финалето на САД опен.
24-годишната Вондроушова, која го шокираше тенискиот свет пред два месеци со титулата во Лондон, го загуби првиот сет во тај-брејк, но потоа Стернс освои само уште пет гема за да загуби во три сета.
„Таа играше одлично од почетокот до крајот и јас само се обидов да останам во мечот. Се работи за многу опасна тенисерка која пред себе има огромна иднина. Не очекував да стигнам толку далеку тука, бидејќи притисокот беше огромен по Вимблдон. Ќе видиме до каде ќе одам“, вели Вондроушова.
Следен противник и е поранешната финалистка од Њујорк, Медисон Киз, која со 6:1/6:3 ја совлада американската сонародничк Џесика Пегјула, инаку нејзина добра пријателка.
„Секогаш е тешко кога играш против пријателка, но го правиме ова цел живот. На теренот мислиш само на победа, а потоа повторно ќе бидеме пријателки“, вели 28-годишната Киз.