На социјалните мрежи од вчера се шири повик за протест поради случувањата на Клиниката за онкологија по објавите на неделникот „Фокус“ дека на пациентите им биле давани физиолошки раствори, а скапите лекови против канцерогинете заболувања завршувале на црниот пазар.
Протестот закажан за 18 часот пред Владата ќе продолжи пред Министерството за здравство каде, како што се најавува во објавата, ќе повикаат на оставка и одговорност од сите министри за здравство.
„Бруталноста на власта секој ден носи нови жртви, а овој пат жртви се пациентите на Клиниката за онкологија кои со месеци во живото-загрозувачка состојба чекаа лекови, додека лековите завршуваа на црниот пазар во Косово. Се работи за организиран криминал каде се инволвирани највисоки функционери на власта и истиот трае со години. Скандалот со кражбата на лекови на Онкологија не смее да помине неказнето и повторно само кабелот да биде виновен!“, стои во објавениот повик на социјалните мрежи.
Организаторите на протестот, кои не се посочени во објавата, велат дека нема да прифатат одговорност само од најнискиот ешалон на Клиниката туку дека ќе бараат кривична одговорност за владините функционери.
„Бараме одговорност од министрите Венко Филипче, Беким Сали и Фатмир Меџити. Бараме одговорност од замениците-министри за здравство Илир Хасани и Маја Манолева. Бараме одговорност од поранешната директорка на Државниот санитарен и здравствен инспекторат Ирина Сотирова-Бухова и актуелната директорка Рената Младеновска“, стои во објавата.
За случувањата на Онкологија зборуваше и премиерот Димитар Ковачевски. Тој од лично име и од име на Владата даде целосна поддршка на акцијата на Министерството за внатрешни работи и на Обвинителството од кои очекува да ги идентификуваат оние кои правеле криминал на Клиниката.