Во споредба со лани стартот на новата учебна година е поуспешен, оцени министерот за образование и наука, Јетон Шаќири на првиот училиштен ден.
За трето и шесто одделение наставата ќе се одвива по нова програма поради што се печатат и нови учебници. За третоодделенците идната недела ќе се достават учебниците, а за шестоодделенците ќе се одобрат и печатат во текот на месецот.
„За една година одобривме и испечативме 50 наслови на учебници во основното образование. Ги завршивме сите постапки во рок од 9 месеци за сите нови програми за трето одделение. Наредниот состанок на националниот совет за учебници е на 7 септември каде ќе се одобрат и последните учебници од шесто одделение. Потоа веднаш ќе продолжи постапката за печатење“, изјави министерот Шакири.
Како што кажа, во тек е и постапка за дигитални скратени материјали кои во најбрзо време ќе бидат доставени до сите основни училишта.
За предметот општетство каде првпат имаме спојување на географија, историја и граѓанство, министерот Шаќири образложи дека тоа се однесува само на шесто одделение.
До сите оние кои ја критикуваат концепцијата порача да достават и предлог решение.
„Реформа беше потребна и се одвива, но потребни се корекции и во наредниот период“, рече Шакири.
Министерот додаде дека учебната година почна и со повисоки плати за наставниците, како и над 50 реконструирани училишта.