Минимализмот се истакнува како интересен и популарен стил на уредување на ентериерот, негови основни карактеристики се: прецизност, повторувачки декоративни шеми, рамни и еднолично обоени површини со чисти бои кои не треба да се мешаат.
Достапен е огромен избор на дизајниран мебел во минималистички стил кој нуди модерни и едноставни решенија и мултифункционален мебел.
Ако сакате едноставен, светол и опуштен дом без непотребни детали и со многу простор тогаш минимализмот е вистински избор за вас. Овој стил на уредување е особено погоден ако вашиот стан или куќа се со помала квадратура бидејќи со минималистичкиот стил на уредување на домот визуелно се зголемуваат површините и просторот изгледа поголем, поудобен и посветол, единствена маaна е недостатокот на доволно елементи за складирање на предмети.
Водени од минималистичкиот стил при уредувањето на домот за да добиете простор кој ќе изгледа елегантно и урамнотежено, но и ќе биде удобен за престој и лесен за одржување, најважно е да се држите до правилото што помалку толку подобро и да ги избегнувате масивниот мебел, шаренилото, композициите, дезените и останати елементи од традиционалната уметност и ентериерно уредување.
Во минимализмот боите не се користат за изразување на чувства туку за ограничување на просторот. Ѕидовите треба да бидат фини и мазни без никакви декоративни примероци како тапети слики и полици за да не се изгуби стилскиот ефект на овој правец. Вообичаено најзастапена е белата боја на ѕидовите, но тоа не значи дека не е дозволено како алтернатива да се земат топлите бои кои се застапени во природата како беж, сива и нијанси на кајсија и зелена боја.
Украсите немаат улога во минималистичкото уредување на ентериерот и нивниот број треба да е минимален, а просторот да е ослободен од детали. Важно е да има еден впечатлив детал во централната точка на просторијата кој ќе ја разбие едноличноста. Најмногу внимание треба да се посвети во избирањето на елементи што совршено ќе се вклопуваат и надополнуваат и заедно на едноставен начин ќе оддаваат впечаток на складна целина.
М. Кизова
Фото: pixabay