Се чини дека легендарниот бенд „Ролинг стоунс“ го најави новиот албум на прилично необичен начин – со оглас во локален весник.
Преживеаните членови, сега во своите 70-ти и 80-ти години, го избраа лондонскиот „Хакни газет“ за да откријат детали за претстојниот албум.
За неупатените, рекламата може да изгледа како незабележливо известување за нова локална продавница. „Хакни Дајамондс, специјалисти за поправка на стакло, отворање во септември 2023 година“, пишува на третата страница на весникот.
Под огласот има уште навестувања. „Нашиот тим ви ветува задоволство (satisfaction). Кога ќе кажете – понудете ми засолниште (gimme shelter), ќе ви ги поправиме искршените прозорци“, пишува во огласот.
Фановите на легендарниот рок-бенд заклучија дека рекламата е всушност најава за 31. студиски албум на бендот.
Тоа би бил и нивни прв албум без тапанарот Чарли Вотс, кој почина во 2021 година.
Фановите на „Стоунс“ во рекламата најдоа бројни референци, од историјата на бендот, стиховите и иконографијата. Рекламата за Hackney Diamonds, всушност, ги содржи стиховите на најпознатите хитови на бендот и вели дека продавницата е основана во 1962 година, истата година кога и „Стоунс“. Вклучува и линк до веб-локација која ги прикажува условите за приватност под музичката етикета на „Јуниверзал“.