„Додека функционерите на СДС и ДПНЕ се борат за тендери и провизии, Левица се бори за народот. Советниците на Левица во општина Аеродром повторно се на браникот на народот. Со сите свои сили вклучени сме во спас на жителите на Лисиче од бетонизација. Додека градоначалникот со манипулации се обидува да го протурка спорниот ДУП за Лисиче и да се оддолжи на своите финансиери од Голден Арт, Левица се бори лисичани да продолжат да живеат во своите маала, опкружени со дрвја и зеленило, а не опкружени со бетонски ѕидови кои уште повеќе ќе го нарушат ионака лошиот квалитет на воздухот“, велат од Левица.
Активистите на Левица, вчера поделија над илјада флаери, како што велат „со цел да ги обелоденат сите манупулации на коалицијата СДС-ДПНЕ која дејствува под мотото кај што застана Марин, продолжува Тимчо“.
„Додека благоглаголивиот Тимчо ветува едно, а прави друго, до тогаш советниците на Левица цврсто стојат на своите ставови и безрезервно ја поддржуваат битката на лисичани за почист воздух без бетонизација. Нашите стручни тимови работат на разоткривање на манипулациите на Тимчо и обзнанување на точните информации, поткрепени со факти до сите жители на Лисиче“, соопштува Левица.
Тие преку соопштение повторно му поставуваат неколку прашања на Муцунски.
„Со што е задолжен пред компанијата „Голден арт“? Дали истата се јавува како финансиер на неговата кампања, па Муцунски со ваквиот ДУП го плаќа долгот кон оваа градежна компанија? Дали ги штитите интересите на градежната олигархија, која повеќе личи на градежна мафија“, прашува Левица и го замолува градоначалникот Тимчо Муцунски „да престане да манипулира со жителите на населба Лисиче и да ги праша истите да се изјаснат преку референдум дали се за посочениот ДУП“.