Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ денеска се сретна со новоименуваниот амбасадор на Република Австрија, Н.Е. Мартин Памер на која разговараа за текот на скрининг процесот, за уставните измени и важноста да се задржи европскиот дискурс на државата во овој момент.
Вицепремиерот Маричиќ на средбата посочи дека членството во Европската Унија е од национален интерес и дека Владата е посветена и прави напори државата да ја задржи на европскиот пат. Тој додаде дека „сме подготвени на тешки и темелни реформи за побрзо да ги достигнеме европските стандарди“ и дека за тоа помош имаме и од нашите европски партнери.
Новоименуваниот австриски амбасадор во земјава, Н.Е. Мартин Памер на средбата потврди дека Република Австрија го поддржува проширувањето на ЕУ и дека ќе продолжи да биде наш сојузник на патот кон ЕУ.
Тој изрази уверување дека уставните измени ќе успеат и укажа дека посветеноста на процесот и искрената заложба на Владата преку преземање на конкретни чекори за исполнување на задачите за приближување кон ЕУ, е силна потврда дека Северна Македонија треба да биде членка на ЕУ.
Вицепремиерот Маричиќ му посака на амбасадорот Памер успешен мандат и изрази уверување дека Северна Македонија и Австрија ќе ги зајакнуваат добрите билатерални односи и дополнително ќе ја унапредуваат соработката, особено во пристапниот процес и спроведувањето на реформската агенда.