Инспектори на Државниот инспекторат извршија увид на запалената депонија кај Чегране, Полошко, извести Центарот за управување со кризи.
– На повик на командирот на ТППЕ Тетово Авни Ахмети денеска сум кај депонијата во Чегране, која што повеќе од една година не е активна, а на која што се складирало ѓубриште од општините Чегране и Брвеница. Веќе втор ден депонијата гори иако вчера територијалната противпожарна единица од Тетово даде се од себе, цел ден се обидуваа да ја изгаснат, но не успеаја, изјави директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов.
Поради тоа, донесена е одлука депонијата да биде затрупана.
– Во текот на вчерашниот ден се почнати активности да ја затрупаме, денеска исто така се работио со тешка механизација да се затрупа за да се спречи горење на оваа депонија, додаде Ангелов.
Во тек е увид од страна на увидна екипа на МВР.