Од почетокот на конфликтот во Судан во април оваа година речиси 500 деца умреле од глад, вклучително и дваесетина бебиња во сиропиталиштето во главниот град Картум, со кое раководи владата, соопшти Save the Children.
Организацијата во соопштението рече дека најмалку 31.000 деца немаат пристап до третман за неисхранетост и поврзани болести бидејќи добротворната организација беше принудена да затвори 57 од своите центри за хранење во Судан, пренесува АП.
Судан западна во хаос по неколкумесечните тензии меѓу армијата и ривалската паравоена фракција на 15 април кога ескалираа во отворен вооружен конфликт претворајќи ги Картум и другите урбани области во боишта.
Многу граѓани на Судан живеат без вода и струја, а здравствениот систем во таа земја е речиси целосно пропаднат.
Се проценува дека најмалку 4.000 луѓе загинале во насилствата во Судан, изјави Лиз Тросел, портпаролка на канцеларијата за човекови права на ОН, но активистите и лекарите на терен велат дека бројот на жртвите е веројатно многу поголем.
Според Агенцијата за миграција на Обединетите нации, повеќе од 4,4 милиони луѓе биле принудени да ги напуштат своите домови и да избегаат од насилството во побезбедни области во Судан или да побегнат во соседните земји.