Еврокомисијата исплати дополнителни 1,5 милијарди евра помош на Украина

ukraina eu zname
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Како што јави специјалниот известувач на МИА од Брисел, со овој инструмент ЕУ се обидува да и помогне на Украина да ги задоволи своите потреби за финансирање во 2023 година, со стабилна, предвидлива и значителна финансиска поддршка. Со денешната уплата, Украина досега годинава во рамки на овој пакет од ЕУ доби вкупна помош од 12 милијарди евра.

– Оваа поддршка ќе и помогне на Украина да продолжи да исплаќа плати и пензии и да ги одржува основните јавни услуги, како што се болниците, училиштата и згрижувањето на раселените лица. Таа, исто така, ќе и овозможи на Украина да обезбеди макроекономска стабилност и да ја обнови критичната инфраструктура уништена од страна на Русија при нејзината агресивна војна, како што се енергетските капацитети, водните системи, транспортните мрежи, патиштата и мостовите, посочува Европската комисија во соопштението.


Денешната исплата доаѓа откако Комисијата на 25 јули утврди дека Украина „продолжи да постигнува задоволителен во имплементација на договорените услови“ и ги исполни барањата кои имаат за цел да обезбедат транспарентно и ефикасно користење на средствата.

– Украина особено постигна важен напредок за подобрување на финансиската стабилност, зајакнување на владеењето на правото, подобрување на својот гасен систем, поттикнување на енергетската ефикасност и промовирање подобра деловна клима, се додава во соопштението.

По повод денешната исплата на помошта за Украина, претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен истакна дека ЕУ ги мобилизира сите напори за да и помогне на земјата.

– Денес, исплативме уште 1,5 милијарди евра помош за земјата, бидејќи таа се соочува со руската брутална агресивна војна и работи на обновување на нејзината инфраструктура. И нашата поддршка ќе предолжи и по 2023 година. Ние ќе продолжиме решително да стоиме на страната на Украина, со поддршка до 50 милијарди евра предложена за периодот 2024-2027 година, додаде Фон дер Лајен.

Од Европската комисија посочуваат дека од почетокот на војната, поддршката од ЕУ за Украина и Украинците достигнала 76 милијарди евра, која опфаќа финансиска, хуманитарна, буџетска и воена поддршка од Унијата, земјите членки и од европските финансиски институции. Во оваа сума се вкучени и ресурсите ставени на располагање на земјите членки на ЕУ како помош при згрижување на украинските бегалци.

На 20 јуни, Комисијата предложи да се формира наменски инструмент за обезбедување кохерентна, предвидлива и флексибилна поддршка на Украина за периодот 2024-2027 година во вкупен износ до 50 милијарди евра.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK