Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска заедно со потпретседателот и пратеник Александар Николоски остварија средба со Амбасадорката на Сојузна Република Германија, Петра Дрекслер во Република Македонија.
На средбата се разговараше за актуелната политичка состојба и евроинтегративниот процес на земјата.
Мицкоски ја информираше амбасадорката Дрекслер за актуелните политички состојби во државата и дека власта свесно го крши Деловникот за работа на Собранието со тоа што не ги става уставните измени на гласање, бидејќи нема двотретинско мнозинство, а тоа се потврди како што рече тој и на собраниската седница, кога по завршување наместо да се стави точката на гласање, истата се прекина.
Мицкоски уште еднаш го афирмираше ставот на партијата дека нема да поддржат уставни измени под бугарски диктат, и посочи дека билатералните прашања не смеат да се услов за почеток на преговорите со ЕУ. Она кое што е потребно за исполнување на патот кон ЕУ се Копенхашките критериуми, кои подразбираат владеење на право, воспоставување на правна држава, борба со криминалот и корупцијата, како и почитување на човековите права и демократија.
Toj рече дека во услови кога власта е делегитимирана и нема ниту поддршка од граѓаните, потребно е одржување на предвремени парламентарни избори кои што ќе значат излез од овој ќорсокак во кој владата на СДСМ и ДУИ ја втурнаа државата.
Соговорниците на крајот искажаа заемна согласност ваквите средби да продолжат и во иднина.