Во сообраќајка кај турскиот град Јозгат, кога патнички автобус падна во провалија загинаа 12 лица, а 19 се повредени, објавија турските медиуми.
Автобусот патувал од Сивас до Истанбул, а излегол од контрола во близина на крстосницата Мукремин на автопатот Сивас-Јозгат. Автобусот преминал на спротивната лента и паднал во провалија.
Мухитин Атеш, еден од патниците повредени во несреќата, по лекувањето во болница се вратил на местото на настанот.
„Спиев, околу 12 навечер се разбудив од звуците на врисоци. Видов како возилото удри во бариерите и излетавме надолу. Не се сеќавам на тој момент. Веќе се тркалавме. Кога се разбудив, видов дека не ми е ништо, им помогнав на повредените“, изјави тој за турските медиуми.
„Кога се разбудив, видов дека сме во провалија. Не се сеќавам што се случи потоа. Кога ги отворив очите, тоа беше како место на апокалипса“, додаде Атеш.
„Автобусот удри во дрвјата од втората бариера, а потоа и во карпата од левата страна. Лицето до мене падна од автобусот и ме исфрли и мене од возилото. До мене имаше младо момче. После тоа не видов никој друг“, изајви друг патник.
Гувернерот на Јозгат, Мехмет Али Озкан, во изјава за „НТВ“ изјави дека несреќата била предизвикана од невнимание, според првите наоди.