(Видео) Пендаровски: Најголемото признание за припадниците на Армијата е довербата која во нив ја имаат македонските граѓани

pendarovski-armija-5.jpeg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Претседателот и Врховен командант на вооружените сили, Стево Пендаровски, денеска се обрати на централната прослава за одбележување на 18 Август – Ден на Армијата.


Во рамки на настанот, претседателот Пендаровски со Медал за учество во хуманитарни или мировни операции надвор од територијата на Република Северна Македонија одликуваше 13 припадници на Армијата, а со Медал за храброст одликуваше 60 припадници на Армијата, известуваат од кабинетот на Претседателот.

„Најголемото признание за припадниците на Армијата не се ордените и медалите, туку довербата која во нив ја имаат македонските граѓани. Таа доверба која е висока во континуитет, не се купува со пари, ниту се изнудува со сила, туку се стекнува со посветена работа за она што е најважно за една држава и нејзините граѓани. Имено, Армијата е чувар на се она што го држи македонското општество заедно, од заштита на територијалниот интегритет и суверенитет, преку придонесот кон мировните мисии и колективната одбрана, сѐ до справувањето со последиците од елементарните непогоди. Со таквото свое однесување, припадниците на Армијата нѐ потсетуваат сите нас, на нашата индивидуална, но и колективната одговорност да се грижиме за општото добро, а тоа е опстанокот на нашата заедничка република“, рече Пендаровски.

„Ова денес е исклучително тешка мисија. Децениите етнизација на политиката, партизација на институциите и поларизација во општеството го истиснаа јавниот интерес на маргините. Поради културата на неказнивост, корупцијата, непотизмот и криминалот станаа најголема закана за општото добро. Раширената перцепција за некапацитетноста на институциите да обезбедат еднаквост пред законите ги деморализира граѓаните. Па, наместо одговорност за општото добро, ние денес често сме опседнати со теснопартиски цели и лични интереси.

Во вакви услови, да се врати општото добро во центарот на јавниот живот е тешка, но не и невозможна мисија. Ја имаме поддршката од огромното мнозинство на наши граѓани, но, и од многу наши пријатели од странство. Меѓу останатите значајни настани, годинава армијата одбележува 30 години соработка со Националната гарда на Вермонт, меѓутоа, македонско-американското стратешко партнерство не може да се сведе само на воената димензија. Тоа е и однос во кој двете страни споделуваат исти вредности меѓу кои на прво место се демократијата и владеењето на правото“, изјави Пендаровски.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK