Во рамки на Турската вечер на „Охридско лето“ вечерва на програмата е концертот на триото „Векандо“, составено од уметниците Верико Чумбуридзе на виолина, Дорукан Дорук на виолончело и Џан Чакмур на пијано.
Членовите на триото „Векандо“ се наградувани млади музичари, но пред сé, тие се водени од силна желба за заедничко музицирање што ги прави нивните настапи навистина посебни.
Верико Чумбуридзе е грузиска виолинистка која со интернационална слава се здобива на 20 годишна возраст, по победата на меѓународниот натпревар „Хенрик Виењавски“ во 2016 година. Таа е извонредна солистка, камерен музичар, а особено се истакнува поради имагинативниот пристап кон музиката. До сега има снимено повеќе носачи на звук со делата на Антон Враницки и Џон Вилијамс. Свири на виолина изработена од Џамбатиста Гуадагини која ја добива на користење од Германска фондација.
Дорукан Дорук е виолончелист кој досега има победено на бројни натпревари и настапувал во познати концертни сали низ целиот свет. Добитник е на втора награда на натпреварот за виолончелисти кој го носи името на композиторот Витолд Лутославски, а првото ЦД го снима во 2022, го промовира во 2023 година за издавачката куќа „Џенуин“. Настапува со музичари како Фазил Сај, Јо Јо Ма и Гери Хофман. Свири на инструмент изработен од Антонио Тесторе, што му е даден на користење од германската фондација „Музик лебен“.
Џан Чакмур е добитник на прва награда, како и на специјалната награда за камерна музика на меѓународниот натпревар „Хамаматсу“ во 2018 година, како и на Шкотскиот меѓународен натпревар во 2017 година. Неговиот албум снимен за БИС е прогласен за Најдобар соло албум, а тој е прогласен за најдобар млад музичар на ИКМА наградите, а добитник е на признанијата „Шок класика“ и „Златен дијапазон“. Чакмур студирал во класите на Дијан Андерсен и Григори Грузман на Музичката академија „Франц Лист“ во Вајмар.
Концертот ќе се одржи во катедралната црква „Света Софија“ со почеток од 21 часот. На програмата се дела на Григ, Сај, Шостгакович, Равел.